Киро Глигоров не е доволно вреднуван за неговата историска улога во создавањето и зачувувањето на независна Македонија, оцени лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на настан посветен на првиот претседател на државата.
Филипче посочи дека 35 години по прогласувањето на независноста, земјата сè уште не ја вреднува улогата на Глигоров на начин на кој таа е препознаена во светот.
„Неговата заслуга сè уште и по три и пол децении не е вреднувана во татковината така како што е вреднувана во светот“, рече Филипче, нагласувајќи ја улогата на Глигоров во мирното осамостојување на државата и избегнувањето воен конфликт.
Според него, Глигоров бил државник кој во критичните години од распадот на Југославија носел тешки одлуки со цел да ја зачува државата и животите на граѓаните. Како особено значајни ги издвои повлекувањето на ЈНА од Македонија, членството во Обединетите нации и заложбите земјата да се интегрира во НАТО и Европската Унија.
Филипче оцени и дека дел од наследството и политичкиот аманет на Глигоров останале неисполнети, особено идејата за стабилна, европски ориентирана држава со добри односи со соседите.
Изјавата доаѓа во пресрет на одбележувањето на 35 години од независноста на Македонија. Во тој период, околу 17 години на власт беше СДСМ.