Филипче: Растот на цените на горивата ја поскапува храната, Владата без конкретни мерки

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска на прес-конференција оцени дека растот на цените на енергенсите директно влијае врз поскапувањето на основните прехранбени производи, додека Владата не презема доволно мерки за заштита на граѓаните.

Тој посочи дека порастот на цената на горивата веќе се одразува врз секојдневниот живот, нагласувајќи дека граѓаните се соочуваат со сè поголеми трошоци за храна.

„Нафтата од 71 денар порасна на 95,5 денари и тоа веднаш се прелева во цените на храната. Граѓаните веќе се жалат дека не можат да наполнат ниту една кошничка“, изјави Филипче, додавајќи дека се поскапени јајцата, месото, млечните производи, овошјето и зеленчукот.

Според него, Владата не вовела конкретни мерки за поддршка на најранливите категории, иако, како што рече, искуствата од претходните кризи покажале дека директната помош дава резултати.

Филипче направи споредба со мерките во регионот, наведувајќи дека во некои земји се ограничуваат цените на горивата и се обезбедува директна помош за ранливите категории, како што се земјоделците и социјално загрозените граѓани.

Тој истакна дека намалувањето на ДДВ за горивата не дава доволен ефект, бидејќи, како што рече, основната цена на горивото расте, а компаниите имаат поврат на ДДВ.

„Компаниите практично немаат корист од оваа мерка, а тоа дополнително влијае врз растот на цените на другите производи“, нагласи Филипче.

Како решение, СДСМ предлага намалување на ДДВ за основните прехранбени производи на нула проценти, намалување на акцизата за горивата за четири денари, како и намалување на цените на патарините.

Дополнително, Филипче побара воведување на посебни пакети мерки за најранливите категории граѓани, вклучително пензионери со ниски примања, социјални случаи и семејства со повеќе деца.

„Мора да им се помогне на граѓаните во оваа криза. Потребни се конкретни мерки што ќе дадат резултат“, порача тој.

Филипче исто така оцени дека буџетскиот дефицит е зголемен од планираните 3,5 на 5,1 проценти, што, според него, укажува на слабости во управувањето со економијата.