„Во недела, на 19 октомври, не одлучуваме само за локална власт, туку за иднината на секое семејство, за иднината на Македонија“, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“, што се одржа во Виница.
Во обраќањето пред граѓаните, Филипче нагласи дека на овие локални избори гласањето е многу повеќе од право, туку е голема одговорност која треба секој да ја преземе.
„Во недела има можност народот да ја врати својата сила. Народот да победи и да го спаси својот град, своето семејство, своето маало, својот сосед – да ја спаси иднината на државата. На 19 октомври заедно ќе се избориме и нема да дозволиме група на луѓе и партиски моќници да ни ја крадат иднината и да ни ги иселуваат младите“, рече Филипче.
Тој додаде, дека не смее да се дозволи стравот да ги поколеба граѓаните.
„Не смееме да дозволиме да се навикнеме на неправда.Време е да ја вратиме државата кај граѓаните, не кај шерифите. Време е политиката да значи служба, а не моќ. Време е Виница да стане пример — дека може, дека вреди и дека е можно“, рече Филипче.
На трибината Филипче ги повика граѓаните да гласаат и да се изборат за се она што е нивно право и значи достоинствен живот.
„Сега е време за борба. Да се бориме за нашиот дом, за нашата куќа, за секое маало, за секој сосед и за секое дете што живее во сиромаштија. Да се бориме за чист воздух, за безбедни улици, за чесен живот на секој работник и секоја работничка која чесно заработува за својата плата“, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче.