Министерот Венко Филипче на денешната прес конференција истакна дека кај уште седумина граѓани се проверува дали се заболени од корона вирус.
– Овие граѓани се од Штип, Куманово, Тетово, Кичево и Охрид. Дел од нив престојувале во Швајцарија, Австрија и Германија. Тоа се пациентите од Штип, Куманово и Кичево. После неколку дена од враќањето развиле висока температура, и сега се во одделите за изолација и во текот на денот ќе бидат готови резултатите. Понатаму, од Охрид еден пациент и две родилки, кои вчера се донесени од Дебар. Едната е донесена во болницата во Охрид, а другата е во Скопје. Тие се во стабилна состојба, рече Филипче.
Министерот истакна дека досегашните 18 пациенти кај кој беше потврден корона вирусот се во добра здравствена состојба, меѓу кои и 15-годишното момче. Сепак, како што рече министерот, не може да се предвиди состојбата на жената од Дебар, која е ставена на респиратор.