Филипче: Воспоставуваме нов лабораториски систем за поквалитетна услуга и помалку трошоци за реагенси

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за набавката на реагенси за целата територија на Република Македонија, за периодот од 3 години.

„Правиме постапка којашто ќе ги содржи апсолутно сите сугестии на второстепената комисија за јавни набавки. Ќе има повеќе лотови, ќе биде делива, а со тоа и отворена за повеќе економски оператори. На овој начин обезбедуваме конкуренција меѓу економските оператори, нивен еднаков третман и транспарентност во процесот на доделување на договор за јавна набавка, а со тоа гарантираме рационално и ефикасно искористување на средствата. Ве повикувам да го пратите процесот, ние сме максимално инклузивни. Ќе известуваме и имате отворена врата да ги пратите сите сегменти, сите чекори на постапката“, изјави министерот Венко Филипче.

Се вчитува...

Во рамките на оваа постапка, ќе се направи лот за лис систем, односно компјутерски систем кој ќе го следи трошењето на реагенсите. Министерството ќе има увид во вкупната количина на резерва со која располагаат ЈЗУ-ата, а врз основа на тоа потрошувачката и во буџетите кои сега се трошат во сите јавно здравствени институции.

„Сакаме значајно да ги намалиме трошоците. Сметаме дека на сума од 35 милиони евра за 3 години ќе заштедиме најмалку 5 до 6, што ќе се согласите не е малку. И тие пари ќе ги инвестираме назад во здравствениот систем, пред се во платите на здравствените работници, но и на подобрување на опремата и инфраструктурата“, додаде министерот Филипче.

Извор: ТВ21