Македонија

Филипче за „Демократската платформа“: Вратите на СДСМ се отворени, но раситнувањето на опозицијата не е добро

Филипче за „Демократската платформа“: Вратите на СДСМ се отворени, но раситнувањето на опозицијата не е добро

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, ги повика членовите и поранешните функционери на партијата кои се меѓу иницијаторите на „Демократската платформа“ да се вклучат во внатрепартиска дебата, оценувајќи дека натамошното раздробување на опозицијата не е во интерес на државата.

Филипче порача дека вратите на СДСМ остануваат отворени за разговор и обединување, но изрази сомневање во мотивите на иницијаторите поради нивното одбивање, како што рече, да влезат во внатрепартиски дијалог.

Тој изнесе и обвинувања дека дел од иницијаторите имаат финансиски интереси поврзани со актуелната власт. Како пример го посочи поранешниот генерален секретар на СДСМ, Никола Ќуркчиев, и тендерот од 1,6 милиони евра за фирма со која, според Филипче, тој соработува. Филипче и претходно го отвори ова прашање, додека Ќуркчиев ги демантираше наводите дека е сопственик, содружник или лице со посебни овластувања во компанијата и најави правна постапка доколку не добие извинување.

„Како може да се коментира поинаку освен дека се платени од власта, кога еден од тие луѓе – поранешниот генерален секретар на партијата, Никола Ќуркчиев – односно фирмата која тој ја претставува, добила тендер од 1,6 милиони евра од државна фирма? Во ова време кога сè е централизирано, се знае кој одлучува за државните тендери“, изјави Филипче.

Според лидерот на СДСМ, истовременото одбивање на внатрепартиски разговори и остварувањето бизнис-соработки со државни институции отвора прашања за мотивите на иницијативата.

Филипче оцени дека раситнувањето на опозицискиот блок е модел кој, според него, веќе се применувал во Србија и предупреди дека дополнителното фрагментирање може да влијае врз позицијата на опозицијата.

„Ние сме демократска партија, нека кажат луѓето што сакаат. Јас најмногу сакам да верувам дека тие имаат добра намера, меѓутоа со своите чекори и постапки покажуваат дека немаат. Ќе повторам, отворена е врата. Нека се вразумат. Нека се вразумат, за државата станува збор. Не е добро ситнење на опозицијата“, рече Филипче.

Тој го спомена и формирањето на ЗНАМ, оценувајќи дека поделбата на опозициските гласови придонела за изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ, по што ЗНАМ стана дел од владејачкото мнозинство.

Филипче упати порака до иницијаторите да ги надминат разликите и да се обединат околу заеднички политички цели.

„Нека се вразумат! Не е во прашање само СДСМ, туку иднината на државата. Вака ако се остави да владее арамиската група на Христијан Мицкоски, лошо се пишува на секој еден којшто тука живее. Ги повикувам да ги споиме силите и заедно да се избориме“, додаде Филипче.

Иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“ беше промовирана во јули, а организаторите претходно негираа дека станува збор за фракција во СДСМ, наведувајќи дека целта е отворање простор за општествена и политичка дебата и создавање поширок опозициски потенцијал.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Минчев, министер за јавна администрација 24.09.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни