Финансиската полиција, постапувајќи по налог на скопското обвинителство, извршила претреси на повеќе локации и привела лица во нова постапка поврзана со наводна проневера. Официјално се соопштува малку, бидејќи предметот е во предистрага.
Во однос на новата постапка што ја води Финансиската полиција, засега има ограничени официјални информации. Според соопштението на институцијата, по налог на скопското обвинителство биле извршени претреси на повеќе локации и биле приведени лица, но без дополнителни детали за нивниот идентитет и за конкретните дејствија.
Од официјалните информации произлегува дека се работи за предистрага, во која се проверува евентуално прибавување значителна имотна корист. Во прилогот беше наведено дека станува збор за сума од 80 милиони евра, додека во најавата беше спомната и постапка за проневера на 1,3 милиони евра во Државна лотарија.
Името Државна лотарија не било наведено во соопштението на Финансиската полиција, но според неофицијални информации изнесени во прилогот, се споменуваат две службенички вработени во ова друштво. За едната било кажано дека била финансиска директорка во периодот кога на чело на компанијата бил Перперим Бајрами, кому веќе му се суди во постапка поврзана со Државна лотарија.
Во оваа фаза, како што беше посочено, се проверуваат првичните индикации за потенцијално сторен криминал. Се очекува по завршување на анализите и вештачењата обвинителството да соопшти дали предметот ќе премине во фаза на истрага и дали и официјално ќе биде отворена истрага против лицата што се споменуваат.