Македонија

ФИНГЕР ПРИНТ ЗА ДОКТОРИТЕ: Се воведува строга контрола

ФИНГЕР ПРИНТ ЗА ДОКТОРИТЕ: Се воведува строга контрола

Министерот за здравство Азир Алиу денеска на прес-конференција обелодени дека лекар вработен во јавното здравство остварил месечен приход од околу 700 илјади денари. Тој не откри детали за идентитетот на докторот ниту за институцијата, потенцирајќи дека случајот ќе се решава институционално за да не се загрози процесот.

Алиу не ја исклучи можноста за кривична одговорност, нагласувајќи дека надлежните институции веќе работат на расчистување на ваквите појави.

Во обид да се воведе поголема контрола, Министерството најави имплементација на систем за евиденција на присуство со отпечаток од прст (фингер принт), кој веќе се тестира во две клиники. Планот е системот најпрво да се воведе во скопските клиники, а потоа и на ниво на целата држава.

Според министерот, анализите покажале сериозни неусогласености во работењето на лекарите. Дел од нив прегледуваат само еден пациент неделно, додека други достигнуваат и до 100 пациенти, што, како што рече, укажува дека системот не функционира рамномерно.

Дополнително, во седум клиники е утврдено дека дополнителната дејност надминува 41 процент од работното време, иако законскиот лимит е 20 проценти. Разлики има и кај бројот на извршени операции – двајца специјалисти од иста област имаат значителна разлика, при што едниот извршил 1.134 операции, а другиот 470. Во внатрешноста на земјата, пак, има случаи на лекари кои не направиле ниту една операција во текот на 2025 година.

Слични диспропорции се забележани и кај реализираните упати. За период од шест месеци, еден лекар реализирал 16.526 упати, додека друг во друга клиника 7.352. Алиу нагласи дека ќе се утврдува дали овие разлики се резултат на законски празнини или на слабости во менаџирањето на институциите.

Министерството ќе бара и податоци за тоа колку време лекарите од јавното здравство работат во приватни установи, додека како дополнителен проблем беше посочено неажурирањето на листите на чекање, и покрај законската обврска.

Паралелно со контролите, најавен е и нов закон за лекови, усогласен со европските стандарди, кој наскоро ќе биде објавен во Националниот електронски регистар на прописи.

Претходно, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека преку дежурства и различни додатоци, дел од лекарите во јавното здравство достигнуваат месечни примања и до 10 илјади евра.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни