Европскиот Парламент минатиот месец ја усвои директивата за критични суровини со 543 гласови „за“, само 43 „против“ и 24 воздржани, a со неа се предвидува значително намалување на роковите за издавање дозволи за експлоатација на руда.
Директивата се очекува да стапи во сила оваа пролет, откако текстот ќе биде потврден на Самитот на ЕУ закажан во март. ЕУ засилено ќе започне да го поддржува рударството на континентот о цел исполнување на целите од зелената агенда, а во фокус се т.н. критични минерални суровини, без кои не би можеле да се произведат електрични автомобили, да се создадат фотонапонски централи или пак ветерници.
Воедно, целта на ова е ниту еден надворешен глобален играч, како што се Кина и Русија, да не ја снабдува Унијата со повеќе од 65% од неопходните руди, пишува Плусинфо.
Меѓу 16-те критични минерали ЕУ ги вбројува литиумот, бакарот, кобалтот, титаниумот и други.
Директивата доби зелено светло и од екологистите што ја поддржуваат Зелената агенда на Унијата до 2050 година, но и од стопанските комори на ниво на ЕУ, кои го истакнуваат економското значење.
„Директивата за критични суровини е важен прв чекор за надминување на предизвикот за снабдување со метали во Европа. Ова е почеток на многу поголема промена на политиката за навистина да се поттикнат инвестициите во ЕУ“, изјави Евангелос Митилинеос, претседател на трговската асоцијација Eurometaux, пишува Плусинфо.
Од друга страна, според асоцијацијата Euromines, ЕУ се довела во оваа ситуација поради долгогодишната запоставеност на домашната рударска индустрија во Европа, бидејќи евтини руди непречено се увезувале од земји со ниски еколошки стандарди.
„Зелената транзиција мора да започне во рудникот. На крајот на краиштата, соларните панели или ветерниците не само што треба да произведуваат зелена енергија – тие најпрвин мора да бидат направени од зелени суровини. ЕУ мора да се врати на рударската карта преку дозволи за рационална експлоатација, а земјите-членки треба да испорачаат нови рудници“, потенцира генералниот директор на Euromines, Ролф Куби за Еурактив.
Шведска е веќе подготвена за олеснување на процедурите за експлоатација на минерални суровини и отворање рудници и чека директивата да започне да се применува. Од државна рударска компанија ЛКАБ велат дека наишле на големи откритија на ретки минерални суровини во северниот град Кируна.
А додека Унијата се подготвува за масовен ископ на суровини со кои ќе се исполни зелената транзиција за посигурна и поздрава животна средина, во Македонија рударството заостанува односно во последните 40 години во земјава е отворен само еден нов рудник „Боров дол“, кој всушност претставува површински коп и продолжување на векот на работа на „Бучим“ за минимум десет години каде се преработува бакарна руда.
Дел од експертите веќе апелираа оваа стопанска гранка да не се става во контекст на дневно-политичка агенда и предизборни калкулации.
Прочитајте повеќе на Плусинфо.мк