Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес им порача на инвеститорите дека е време да инвестираат во Западен Балкан.
„Од вештачка интелигенција до чиста енергија, ги интегрираме нашите индустрии. Затоа мојата порака до инвеститорите денес е: Време е да инвестираат во Западен Балкан. Бидејќи ако го изберете Западен Балкан, ја избирате Европа“, рече таа на првиот инвестициски форум ЕУ-Западен Балкан во Тирана денес.
Таа го поздрави приклучувањето на Албанија кон системот за евро плаќања SEPA.
„Трансакциските надоместоци во Западен Балкан порано беа до 6 пати повисоки отколку во нашата унија, а сега приклучувањето кон SEPA ќе им заштеди на вашите компании околу 500 милиони евра годишно“, рече таа.
Таа додаде дека сите земји што станаа дел од ЕУ „доживеале неверојатен економски раст“, наведувајќи ги како примери Полска, чија економија се зголеми за трипати, и Хрватска, каде што стапката на невработеност се намали од 17 на четири проценти.
„Истото ќе се случи и во Западен Балкан, и не зборувам за далечната иднина. Вашите економии веќе се подготвени брзо да растат во наредните години. Затоа го воспоставивме Планот за раст“, рече таа.
Таа се сретна со албанскиот премиер Еди Рама порано денес, а подоцна денес ќе отпатува во Црна Гора.
Таа ќе го посети Белград во среда.