„Итно треба да ја вооружиме Европа“.
Ова денеска по клучниот самит во Лондон го изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа рече дека лидерите имале „добра и искрена дискусија“, со оглед на тоа што е потребно за да се обезбеди Украина силна позиција.
Според неа, на Украина и се потребни „сеопфатни безбедносни гаранции“, кои би ги поддржале нејзините економски и воени позиции, објави Гардијан.
Фон дер Лајен нагласи дека Европа треба итно да се вооружи и дека Европската комисија ќе предложи план за тоа на Европскиот совет на 6 март, бидејќи, како што истакна таа, „навистина треба сериозно да ги засилиме нашите напори“.
„Сега е од исклучителна важност да се зголемат инвестициите во одбраната на подолг временски период. Тоа се должи на безбедноста на Европската унија, и потребно е… во геостратешката средина во која живееме, да се подготвиме за најлошото и затоа е неопходно да се зајакне одбраната“ вели таа.
Запрашана за нејзината порака до САД, таа рече: „Ние сме подготвени, заедно со вас, да ја браниме демократијата и принципот дека постои владеење на правото, дека не можете да напаѓате…и да го вознемирувате вашиот сосед или не можете да ги менувате границите со сила“.
„Во наш заеднички интерес е да ги спречиме идните војни“ – додаде фон дер Лајен.
Користејќи невообичаена терминологија, фон дер Лајен рече дека Европејците мора да работат на „претворање на Украина во бодликаво прасе што е незгодно за потенцијалните агресори“, според Гардијан.
Во Лондон заврши самитот за Украина, кој траеше приближно два часа, а на кој присуствуваа и претседателот на Украина Володимир Зеленски и повеќе од 10 европски лидери.