Двата подвозника во тетовската населба Дарданија се блокирани од насобрана вода како резултат на дождовните врнежи.
Според информациите, околу четири автомобили останале заглавени во подвозниците од утринава.
Во меѓувреме, од Центарот за управување со кризи (ЦУК) повикуваат на зголемена внимателност, особено во Полошкиот Регион.
„Поради интензивните врнежи од дожд во делови од Западна Македонија, особено во Полошкиот Регион и Општина Тетово, забележани се проблеми со апсорпцијата на атмосферската и фекалната канализација во урбаните делови на градот. Ова доведе до насобирање и создавање на водени површини под подвозниците и надвозниците. Апелираме за зголемена внимателност при движење по патиштата и избегнување на сообраќај кон горенаведените делови од патната инфраструктура. Надлежните екипи се на терен и активно работат на надминување на состојбата“, велат од ЦУК.