Патниот правец кон Теферич е затворен за сообраќај, информираат од Општина Кисела Вода.
Како што објави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, по денешниот повторен увид на терен, во кој учествувале и градоначалникот на Општина Сопиште Јане Мицевски, како и по извршените стручни анализи во координација со надлежните институции, донесена е одлука за итно затворање на овој патен правец.
Од општината посочуваат дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзо и најбезбедно техничко решение за трајна санација на оштетувањето.
Надлежните апелираат граѓаните доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патишта сè до целосно отстранување на дефектот.
„Посветени сме на изнаоѓање на најбрзо и сигурно решение за враќање на патот во нормална функција“, стои во објавата, во која се нагласува дека безбедноста на граѓаните е врвен приоритет.
