Четиритонски фрагмент од напуштена ракета на СпејсЕкс, кој од минатата година се движеше низ вселената, со голема брзина се урна на површината на Месечината. Судирот не претставува опасност за Земјата, но се очекува да формира нов кратер на природниот сателит, објави Гардијан.
Објектот со големина на зграда е дел од втората степенка на ракетата Фалкон 9 на СпејсЕкс, која во јануари 2025 година испрати кон Месечината спуштач на американската компанија Фајерфлај Аероспејс. Ракетниот корпус удрил во лунарната површина околу 6:35 часот по британско време со брзина од 8 690 км/ч.
Засега нема визуелна потврда на ударот, бидејќи ниту еден од апаратите на НАСА не бил тогаш во орбита над регионот на судирот. Научниците допрва ќе ги споредуваат снимките „пред“ и „по“ на локацијата, пренесе Би-Би-Си.
Според проценките, ударот исфрлил облак лунарна прав од неколку километри висина, кој иако би бил осветлен од Сонцето, тешко би се забележал со голо око од Земјата. Професионални и аматерски астрономи со напредни телескопи и камери не успеаја веднаш да го потврдат настанот, веројатно затоа што местото на ударот е близу видливиот раб на лунарниот диск.
НАСА соопшти дека се очекува кратер со пречник од околу 18 метри и длабочина од околу 4 метри. Агенцијата ќе настојува да обезбеди снимки „пред“ и „по“ ударот, а собраните податоци ќе им помогнат на научниците „подобро да ги разберат вештачките судири и нивното значење за вселенските истражувања“.
Портпаролот на НАСА Џими Расел изјави: „Ударот не претставува опасност за Земјата. Научниците на НАСА планираат да соберат податоци за Месечината од овој настан и да ги усовршат методите за следење на објекти во вселената“.
Слични ракетни делови, познати како степени, вообичаено повторно влегуваат во Земјината атмосфера и изгорат или паѓаат во океан, откако ќе го постават товарот на предвидената орбита. Бидејќи лунарната мисија од јануари 2025 година бараше поголема потисна сила од летовите во блиска околина на Земјата, втората степенка остана во длабока вселена, лутајќи меѓу илјадници други фрагменти од вселенски отпад што активните сателити внимателно ги избегнуваат.
Дури годинава астрономите утврдија дека степенката го израсходувала преостанатото гориво и повеќе не може да се управува, па се движела по орбитална траекторија што завршува со удар во Месечината. Џулијана Шајман, директорка на програмите на СпејсЕкс за научните мисии на НАСА и вселенското летало Драгон, изјави: „Сè е резултат на комбинација од соларна активност и гравитациски сили, кои ја пренасочија степенката по траекторија кон Месечината“. Таа додаде дека НАСА и СпејсЕкс разгледуваат начини за спречување слични удари во иднина.
Бил Греј, создател на широко користен астрономски софтвер кој во април објави извештај за претстојниот удар на степенката, изјави: „Ова може да има извесен – иако веројатно незначителен – научен интерес и можеби ќе научиме нешто ново. Не претставува опасност за никого, но сепак укажува на извесна негрижа во начинот на кој се отстранува преостанатата вселенска опрема (вселенски отпад).“
Судирите на вселенски отпад со Месечината се ретки. Во март 2022 година степенка од кинеска ракета се урна во природниот сателит по тест-мисија. Во 2009 година НАСА намерно урна ракетна степенка во Месечината за да го проучи облакот материјал исфрлен при ударот. Во изминатите години неколку апарати наменети за меко слетување се распаднаа при обидите: руската мисија Луна-25 во 2023 година, индиската Чандрајан-2 во 2019 година и израелскиот спуштач Берешит исто така во 2019 година, чиј товар вклучуваше минијатурни тардигради – микроскопски животни познати по отпорност на радијација и екстремни услови – за кои е можно сè уште да се наоѓаат на лунарната површина.