Агенцијата за катастар на недвижности ги објави податоците за првата половина од 2025 година, кои потврдуваат продолжен раст на пазарот на недвижности. Во општина Центар е постигната највисока цена за стан – 2.857 евра за квадратен метар, односно 300 илјади евра за 105 квадрати. Во истата општина е продадена и најскапата куќа, вредна 1,15 милиони евра. Најскапо продадениот деловен простор, исто така во Центар, достигнал цена од 6,8 милиони евра.
Во категоријата помали недвижности, најскапо се продаде гаража во Аеродром – 24 квадрати за 1.854.000 денари или околу 30 илјади евра, што значи цена од 77 илјади денари по квадрат.
Според Катастарот, највисок годишен раст на цените на становите е забележан во Охрид (27 проценти), Центар и Тетово (по 22 проценти) и Битола (20 проценти). Најмал пораст има во Струмица со 2 проценти.
Најмногу продадени станови во првото полугодие има во Аеродром (189), Чаир (182), Центар (181) и Карпош (179). Највисока просечна цена по квадрат е постигната во Центар – 101,9 илјади денари, следат Карпош (90,9), Аеродром (82) и Кисела Вода (79).
Во периодот од јануари до јуни се евидентирани 15.779 трансакции – раст од 8,9 проценти во однос на 2024 година. Вкупно се регистрирани 11.105 купопродажби, што претставува пораст од 4,9 проценти. Закупите, пак, бележат раст од 20 проценти.
Вкупната вредност на пазарот на недвижности во првото полугодие достигна 515,9 милиони евра, што е зголемување од 15,5 проценти споредено со истиот период лани. Најголем дел од купопродажбите се однесуваат на земјоделско земјиште и шуми (32,8 проценти) и станови (32,5 проценти).
Најмногу купопродажби се реализирани во Аеродром (562), Гази Баба (555) и Карпош (527), а највисока вредност на продажби е постигната во Центар – 65,8 милиони евра.
Според годишната споредба, најголем раст на обемот на продажби бележат Центар (32 проценти), Гази Баба и Штип (по 28 проценти), додека најголем пад е евидентиран во Аеродром – 29 проценти. Највисок раст на вкупната вредност од продажбите има Кисела Вода со 59 проценти, а најголем пад Куманово со 26 проценти.