Македонија

Гаши: Уставот не треба да се отвора парцијално, потребен е широк политички консензус

Гаши: Уставот не треба да се отвора парцијално, потребен е широк политички консензус

Измените на Уставот и воведувањето на уставната жалба се прашања од исклучителна политичка важност за кои е неопходен консензус од две третини од пратениците, смета претседателот на Собранието, Африм Гаши. На денешниот брифинг со новинарите, тој јасно стави до знаење дека не поддржува ад хок или парцијално менување на највисокиот правен акт, посочувајќи дека секое отворање на Уставот носи ризик од наметнување различни политички цели кои можат да предизвикаат поголеми проблеми отколку корист. Според него, за каква било подлабока реформа е потребна широка општествена и политичка дебата, а конечната одлука за тајмингот и содржината на евентуалните измени останува на политичките партии.

Во однос на дебатата за можна примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, Гаши оцени дека тоа не треба да биде табу-тема, но нагласи дека прашањето мора да се разгледува низ призмата на професионализмот и основната улога на судот – да ги штити уставноста и законитоста во државата. Тој истакна дека фокусот треба да биде ставен на создавање квалитетен систем на одлучување без однапред поставени предрасуди.

Паралелно со политичките теми, првиот човек на законодавниот дом информираше за текот на реформската агенда, потенцирајќи дека Собранието работи експедитивно на законите што пристигнуваат од министерствата по претходна консултација со Европската комисија. Гаши изрази очекување дека во текот на годинава динамиката на донесување реформски закони ќе се зголеми, со оглед на засилениот фокус на Владата во овој сегмент.

На новинарско прашање за внатрешните престројувања во коалицијата „Вреди“, Гаши појасни дека во тек е процес на политичко окрупнување во една партија, по што ќе се разгледуваат и кадровските решенија во извршната власт. Тој исто така потврди дека засега нема најави за нови пратенички групи во Собранието. Меѓу останатите актуелни теми, беше најавено дека до крајот на 2026 година конечно ќе биде решен проблемот со паркирањето околу Собранието преку ставање во функција на катната гаража, а за почетокот на април се планирани и гласања за нови вицегувернери и повторување на конкурсот за член на Судскиот совет.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни