Гасоводи без дозволи и слабости во финансии – НОМАГАС под лупа на ревизорите

Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење за финансиските извештаи и за усогласеноста со законската регулатива во работењето на АД НОМАГАС – државната компанија за пренос на природен гас, за 2024 година.

Ревизорите утврдиле сериозни слабости во сметководствената евиденција, управувањето со имотот и почитувањето на законите. Како една од клучните забелешки се наведува дека не е евидентирана реалната вредност на капиталот на поранешната ГА-МА, што довело до помалку искажан капитал и неточни податоци во Централниот регистар и Централниот депозитар на хартии од вредност.

Ревизијата констатира и неправилности во управувањето со залихите, од кои над 80 проценти потекнуваат од период пред 2019 година, без проценка дали се застарени или неупотребливи. Дополнително, пописот на средствата и обврските не бил спроведен согласно правилникот, а дел од нематеријалните средства биле погрешно евидентирани како материјални.

Особено загрижува фактот што магистралните гасоводи, изградени во периодот од 2016 до 2024 година, во вредност од повеќе милијарди денари, сè уште не се ставени во употреба поради недобиени одобренија и нерешени имотно-правни односи.

Ревизорите утврдиле и дека НОМАГАС нема донесено десетгодишен план за развој на системот за пренос на природен гас, иако тоа било законска обврска, како и неправилна примена на методологијата за пресметка и распределба на надоместокот за неутралност кон балансно одговорните страни.

Дополнително, се посочуваат слабости во внатрешната ревизија, нееднакво вреднување на трудот, договори склучени без одобрување од Одборот на директори, како и неправилности во јавните набавки.

За дел од препораките дадени во претходната ревизија, ревизорите утврдиле дека значителен број сè уште не се спроведени, поради што побарале итно преземање мерки од надлежните органи за подобрување на финансиското управување и законитоста во работењето на НОМАГАС.