Јавното обвинителство денеска поднесе обвинителен акт и против реалниот сопственик на агенцијата за обезбедување „Рубикон“ за трагичниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 62 лица. Обвинителството откри шокантен детаљ – по трагедијата, обвинетиот презел активности за формирање на нова фирма за обезбедување во Струмица, со цел да ја продолжи истата дејност.
Според Обвинителството, обезбедени се докази дека по пожарот во Кочани, обвинетиот започнал да формира ново правно лице чија основна дејност е исто така физичко обезбедување. Целта, како што се наведува, била „да ја продолжи дејноста повторно затскривајќи се формално-правно во раководењето зад друго одговорно лице“.
Токму поради овие сознанија, иако истрагата за него е завршена, обвинителите процениле дека сè уште постои ризик и до судот доставиле предлог за продолжување на мерката куќен притвор и сите други забрани кои претходно му беа определени.
Новиот обвинет, заедно со веќе обвинетиот управител на „Рубикон“, се товари дека како реален сопственик раководел со агенцијата и имал главна улога, давајќи директни инструкции на обезбедувачите на критичната вечер.
Според обвинението, агенцијата го обезбедувала клубот „Пулс“ *без да има склучено писмен договор* и без воопшто да води грижа и контрола врз работата на своите вработени.
На кобната вечер на 16 март 2025 година, обезбедувањето дозволило влез на малолетници по полноќ и, клучно, *не извршило преглед на лицата при влез*, со што не го спречило внесувањето на пиротехничките средства со кои бил предизвикан пожарот. Покрај тоа, не била направена безбедносна проценка на објектот, кој бил преполн со посетители, ниту пак бил изготвен задолжителниот План за обезбедување на јавен настан.
Овој обвинителен акт е уште еден чекор во процесот за утврдување на одговорноста за трагедијата во која, покрај 62 загинати, со тешки телесни повреди се здобија 157 лица.
Читај и ова:
- 1.Сопственикот на „Санте плус“ Билал Кара се бара со потерница
- 2.Александар Нацев е новиот обвинет за пожарот во дискотеката „Пулс“
- 3.Кој зема највисока плата во Македонија? Програмерите убедливо на врвот
- 4.Дневен хороскоп за петок, 5-ти септември 2025 година!
- 5.Путин: Секоја западна сила во Украина ќе биде легитимна цел за руската војска