На денешното рочиште за случајот „Геријатрија“ во Основниот кривичен суд Скопје, на предлог на одбраната сведочеше архиварка која привремено ја заменувала секретарката на директорот. Таа потврди дека во установата дошла жена која се претставила како Небије Заимовска, без закажан термин, но директорот сепак ја примил.
На прашање од обвинителството, сведокот изјави дека ненајавени посети се случувале и зависеле од слободното време на директорот и природата на барањето.
„Зависеше од ситуацијата. Ако беше слободен ги примаше, но имало и случаи кога ги одбиваше, особено ако не бараат услуга поврзана со нашата установа“, додаде таа.
Во продолжение сведочеше и лице кое по молба од поранешен колега од КПУ „Идризово“ се обидело преку „Messenger“ да праша дали директорот може да прими пациентка во тешка состојба. Подоцна му било пренесено дека средбата се остварила и имале „многу убав разговор“, по што немал понатамошен контакт со нив.
Според обвинението, директорот Мухсин Арифи побарал 20.000 евра за прием на пациентка, а посредникот Блерим Амити ја примил сумата и бил фатен од полицијата. Двајцата обвинети се изјаснија за невини.
Процесот го води судијката Ленка Давиткова, обвинител е Искра Хаџи Василева.
Следното рочиште е закажано за 5 декември.