Германската полиција застрела глуво 12-годишно девојче, одела кон нив со ножеви

Германската полиција застрелала и сериозно ранила 12-годишно глуво девојче во Есен откако им се приближило држејќи два ножа за време на рација во станот на нејзината мајка. Инцидентот, кој се случил во понеделник, предизвика жестока дебата за полициската бруталност и употребата на сила врз малолетници, објави агенцијата Анадолија.

Девојчето, кое има германско и српско државјанство, избегало од установа за групна грижа каде што била ставена под државен надзор, соопшти полицијата во Есен. Полицијата ја барала бидејќи имало информации дека ѝ е потребна итна медицинска помош што веројатно не ја добила долго време.

Според полицискиот извештај, мајката на девојчето, која исто така има оштетен слух, првично не ја отворила вратата и покрај постојаното тропање. Затоа полицијата повикала бравар да влезе во станот. Сепак, пред да пристигне, мајката сама ја отворила вратата околу 1:30 часот наутро.

Трагична конфронтација

За време на претресот на станот, полицајците пронашле 12-годишно девојче кое држело два ножа и се движело кон нив. Во соопштението се вели дека полицијата користела и тазер и огнено оружје за да го одбие она што го опишаа како „потенцијален напад“. Девојката била сериозно повредена во пукањето и итно префрлена во болница, каде што била оперирана. Властите соопштија дека нејзината состојба е критична, но не се влошува.

Целиот случај предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи, покренувајќи прашања за полициската бруталност, употребата на сила врз малолетници и третманот на ранливите групи.

Многу критичари се запрашаа зошто полицајците на терен не биле подобро информирани за специфичната ситуација и зошто специјализирани тимови за кризна интервенција, обучени да работат со луѓе како девојчето со оштетен слух, не биле распоредени наместо редовни патроли.