Тој вчера во Берлин имаше средба со пратеникот во германскиот Бундестаг, Кристијан Петри од втората по големина политичка групација – партијата СПД.
Османи и Петри разговараа за поддршката за одлуката за старт на преговорите, а вицепремиерот по средбата истакна дека добил охрабрувачка порака од германскиот пратеник.
– Нова, охрабрувачка порака денеска ми пренесе г. Петри, дека и од пратеничката група на неговата партија, СПД, која е и втора по број на пратенички места, вчера со огромно мнозинство донеле одлука со која ќе гласаат за донесување на одлуката за почеток на преговорите на земјата со ЕУ. Утре е седницата на Бундестагот каде што се наоѓа нашата точка и сѐ поочигледно е дека Германија ќе гласа „за“ на европскиот самит во октомври, изјави Османи по средбата со Петри.
Владејачките германски партии ЦДУ и СПД завчера постигнаа согласност да се одобри датум за почеток на преговорите со Европската Унија за Северна Македонија и Албанија, а се очекува поддршката да ја даде уште најмалку една партија, Зелените. Одлуката била донесена на состанок на коалициските партнери во германската Влада.