Порнографски видеа и фотографии со експлицитна содржина од девојки и жени од Гевгелија и околината се споделуваат на пораки преку Вибер и Месинџер.
Екслицитните клипови и фотографии пристигнале до редакцијата на „Слободен печат“, а од таму случајот го пријавиле во МВР.
„Слободен печат“ објави дека до нивната редакција пристигнале десетина порнографски клипови и фотографии со експлицитна содржина на кои се гледаат ликовите на девојки и жени од Гевгелија и од Богданци. Овие видеа масовно се споделувале по приватни канали од еден на друг корисник во Гевгелија овие денови, а жените и девојките што се на нив, се мета на јавен линч на своите сограѓани, кои не само што ги споделувале клиповите по пат на системи за пораки, како Вибер и Месенџер, туку и создавале адаптации на логоа од порнографски сајтови насловени како „ГевгелијаХаб“.
„МВР има информации дека фотографии и видеа со порнографска содржина се разменуваат преку вибер, но нема податок за формирана група со повеќе учесници. МВР работи на идентификација на девојките со цел да се утврди дали овие содржини се споделуваат со нивно знаење или се работи за злоупотреба. Ги повикувам и охрабрувам оние девојки чии фотографии неовластено се споделуваат да пријават во МВР. Со цел да спречиме понатамошно ширење и злоупотреба на овие содржини“, истакна Славјанка Петровска за ТВ21.
За случајот е информиран и Хелсиншкиот комитет за човекови права, кој нагласи дека собира информации и најавува соодветни дејствија.
„Јавна соба“ на почетокот на февруари беше затворена. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со СВР Скопје тогаш изврши идентификација на сопственикот на „Јавна соба“ со иницијали Д. К. од Скопје и еден од администраторите на групата со иницијали М.П. исто така од главниот град. Групата броела над седум илјади членови, а откако МВР покрена истрага, бројот драстично се намалуваше, а како што информираше тогаш министерот за внатрешни работи Наќе Чулев станува збор за околу 800 фотографии и видеа, претежно од „Фејсбук“, „Инстаграм“ и Интернет, но има и приватни фотографии и видеа.
Целта и намерата при креирањето на „Јавна соба“ требаше да се разоткријат во текот на истрагата. Првично од нејзиниот основач беше посочено дека групата ја отворил заради забава и размена на смешни видеа, но целата работа излегла од контрола. Сепак се уште остана неутврдено дали стануваше збор за група во која само се споделувале експлицитните содржини или пак „Јавна соба“ беше параван за проституција и подведување, меѓудругото и на малолетни девојчиња.
.