Кон средината на XVI век, монашкото братство од манастирот „Воведение на Пресвета Богородица – Пречиста“, во Кичево, стана вистинска утеха и крепост за напатениот народ, кој страдаше под тешкото османлиско ропство.
Гласот за нивната слава и духовна сила допре и до злонамерните Агарјани, па тие на 27 март 1558 година со сета своја јарост се упатија кон светата Богородична обител.
Браќата заедно со присутните мирјани беа собрани, како и обично, во храмот на заедничка Литургија.
За време на херувимската песна, отец Аверкиј, кој мораше да исполни некое послушание надвор, втрча во храмот и извести дека кон манастирот се приближува многуброен, насилнички османлиски аскер.
Тогаш преподобниот старец Евнувиј, заедно со уште двајца монаси Паисиј и Аверкиј, подготвени да примат маченички венец, останаа во манастирот, а останатите монаси и мирјани заминаа во шумата и таму пронајдоа безбедно место за да ја довршат Литургијата.
По службата, откако се уверија дека Агарјаните беа заминати, монасите се вратија и тука затекнаа страшна и тажна глетка: сè беше уништено, храмот беше во пламен, а на местото Господинец, близу манастирската чешма, лежеа телата на тројцата маченици.
Откако непоколебливо одбија да се приклонат кон иноверното учење и пред разбеснетите Агарјани ја исповедаа својата силна вера во Спасителот Христос, тие беа страшно измачувани и примиле маченички венец.
Со силното молитвено застапништво на светите тројца преподобномаченици и под покровителство на Пресвета Богородица, светата обител не се распушти, туку продолжи со својата монашко-просветна дејност и за шест години беше соѕидан нов храм од камен.