Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје продолжува да ја поставува летвичката високо кога станува збор за модерни медицински практики. Тим од тројца лекари од оваа установа — доц. д-р Ива Малахова Ѓореска, асс. Софија Златеска Ѓуриќ и д-р Сашо Димитровски — неодамна престојуваше во Марибор, Словенија, на специјализирана едукација за примена на TRUCLEAR Outpatient Hysteroscopy системот.
Овој иновативен пристап овозможува прецизна дијагностика и третман на промени во маточната шуплина без потреба од класична операција или киретажа. Како што објаснуваат од Клиниката, TRUCLEAR методата се изведува амбулантски, што значи дека пациентката заминува дома истиот ден, без потреба од хоспитализација.
Интервенцијата овозможува отстранување на полипи, мали миоми или задебелена слузница под директна визуелна контрола преку камера, со минимална болка и најчесто без општа анестезија.
Меѓу предностите на TRUCLEAR системот се издвојуваат:
- минимална болка и брзо закрепнување,
- отсуство на потреба од хоспитализација,
- повисока прецизност и подобра видливост во однос на класичната киретажа,
- значително помал ризик од компликации.
Од Клиниката појаснуваат дека воведувањето на вакви методи претставува огромен чекор напред за македонското здравство, бидејќи им го олеснува искуството на пациентките и истовремено ја прави постапката поекономична за здравствениот систем.
„Менаџментот на клиниката постојано работи на воведување новини кои ќе го унапредат животот и здравјето на женската популација. Ваквите интервенции не само што заштедуваат време и средства, туку и ја намалуваат траумата за пациентките,“ соопштија од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје.
Со оваа обука, скопската Клиника повторно се позиционира како водечка институција во регионот во областа на современата гинеколошка медицина.