Скрининг – паралелно со реформите, а во нивното спроведување мора да биде вклучена и опозицијата, смета евроамбасадорот Гир. За вицепремиерот Маричиќ, отворањето бугарски клубови со контроверзни историски имиња е провокација. Гир не коментира, но вели – црвените линии не треба да се преминат.
Северна Македонија почна преговори, но треба да ги забрза реформите, порача евроамбасадорот Гир при презентација на извештајот за напредокот во Владата. Истакна дека скрининг процесот мора да оди паралелно со реформите и дека во нивното спроведување мора да бидат вклучени сите и без исклучок на опозицијата.
Првиот човек за евроинтеграции Маричиќ со оценка дека имаме стабилен напредок во реформите, но останува да се подобри функционирањето на Собранието, реформа на јавната администрација, засилување на борбата против корупцијата.
Вицепремиерот за евроинтеграции, вината за кочењето на донесувањето на законите во Собранието ја лоцираше кај опозицијата, но подготвен е со нив да седна на маса и да разговара. Маричиќ ги оцени како провокација отворањето на бугарските клубови со контроверзни имиња. Евроамбасадорот Гир пак не сака да коментира.
Вицепремиерот за европски прашања Маричиќ смета дека скрининг процесот се одвива непречено и ќе придонесе за забрзување на реформите. Со национален консенсус за спроведување на реформите, можно е да се подготви државата за членство во ЕУ во 2030-та година.
Ирина Гелевска