Гледањето во шолја кафе е древна уметност и вештина на предвидување на иднината преку читање на она што е „запишано“ во кафето.
Oваа уметност потекнува уште од Кина, a во Европа на оваа традиција посебно внимание посветувале старите Римјани каде сè уште продолжува да се одржува традицијата и до ден денес.
За да бидете добар „читач“ на кафе потребни ви се неколку работи: добра интуиција, познавање на симболите и секако добар вид.
Исто така, треба да посветите внимание и на ритуалот за целосно отсликување на вашата судбина:
1. Шолјата кафе треба да ја држите во десната рака додека го пиете кафето и внатрешноста на шолјата пожелно е да биде бела за полесно читање.
2. Според некои методи, пожелно е кафето да се испие во 3 до 7 голтки и шолјата да ја превртите вртејќи ја од десно кон лево.
3. Во ниту еден случај не смеете шолјата да ја притискате повеќе пати. Така ќе се уништат фигурите.
4. „Читачот“ ја држи шолјата на тој начин што рачката е на десната страна.
1. Географија на шолјата
Делот на шолјата каде се наоѓа рачката ја претставува личноста на која ѝ се гледа.
Првата половина од левата страна (гледано од рачката) ја претставува сегашноста и блиското минато, а втората половина е блиската иднина.
Десната страна го/ја прикажува партнерот/та.
На дното од шолјата се наоѓаат проблемите и несреќните области од животот.
2. Општи карактеристики и изглед на талогот
1. Доколку шолјата е исполнета со јасни фигури станува збор или за динамична личност или за личност која моментално се наоѓа во бурна фаза од животот.
2. Ако шолјата е исполнета со ситни и прилично прецизни фигури станува збор за прониклива и лукава личност која точно знае што прави. Секој нејзин потег е испланиран.
3. Во близина на рачката исто така се чита и минатото и сегашноста на семејството на личноста на која се гледа.
4. Во ниту еден случај не смеете да ја запоставите големината на симболите. На големите симболи посветувајте им особено внимание.
5. Ако талогот во шолјата е во темно смеѓа боја и е непроѕирен, станува збор за самоуверена личност.
6. Ако талогот е во светло смеѓа боја и е проѕирен, личноста е прилично вознемирена и незадоволна. Психолошки гледано, по природа е прилично емотивна и сензитивна личност.
7. Не треба да се вознемирувате ако на прв поглед сè ви се чини како еден голем неред. Вештините на забележување на симболите доаѓаат со текот на времето.
8. Важно е да ги поврзувате симболите еден со друг. На тој начин ќе пристигнете до едно целосно објаснување и јасна слика за тоа што шолјата има да каже за личноста на која и се гледа.
3. Значење на симболите кои најчесто се јавуваат во талогот
Сега откако добро се запознавте со основните правила и ритуалот на подготвување на шолјата за гледање, можете слободно да ја отворите шолјата и да погледнете во симболите и фигурите кои ќе ги сретнете таму.
Симболите кои најчесто се сретнуваат во талогот заедно со нивното значење:
Симболите од А до Л:
автомобил: голема среќа
ангел: добри вести
бајонет: мала несреќа
балон: краткотрајни грижи
бебе: мали, но сериозни грижи
болничар, медицинска сестра: болест
бор: важно случување во зима
брод: успешно патување
букет: среќа и задоволство
весло: мала грижа, некој ќе ви помогне да ја надминете
венец: голема слава или успех
виолина: себичност
водопад: успех
врата: прилично необично искуство
вулкан: емоциите се надвор од контрола
гавран: лоши вести
гајда: разочарување
глушец: штета
грамофон: задоволство
гулаб: подобрување преку некаква жртва
гуска: пронаоѓање на добро решение за проблемот
гондола: патување, романса
двоглед: неволја поради криење на тајна
дрво: исполнување на амбициите
ѓавол: незадоволство
жаба: успех преку промена на местото на живеење
жена: задоволство
жирафа: размислете пред нешто да кажете
замок: разочарување
зајак: штедливост, грижа
зграда: преселување
зебра: прекуморска авантура
змеј: исполнување на желбите
змија: непријател
ѕвезда: добро здравје
ѕвоно: неочекувани новости
играч: разочарување
иницијали: личност која ја познавате
инсект: мали грижи
јаболко: работен успех
јајца: напредок, голем успех
камен: потешкотии
камила: убави вести
канџа: скриен непријател
капа: пристигнуваат неволји
капија: задоволство, почеток на среќна иднината
катанец: изненадување
кенгур: мир и среќа
кит: работен успех
кловн: забава, нови пријатели
клуч: разрешување на проблемите
книга: работа која ќе ја завршите успешно
комета: неочекуван посетител
коњ: романса
кочија: разочарување
крал: неверојатна сила, успех
лебед: глатко напредување
леопард: новости од странство
линија: ако е права и јасна, напредок или патување, ако е нејасна, разочарување
лисица: лажни пријатели
лице: промена, забава
личност: ако е близу рачката – посетител
лонец: помош од друштвото
Симболи од М до Ш:
маска: измама
медал: награда
месец: среќа во љубовта
мост: препрека кон успехот
мотика: напорната работа носи успех
мотор: за брзо време новости
меч: разочарување
мечка: патување
мрежа: замка
нож: прекин на врска, на дното: судење
ној: патување
нокти: неправда
ноти: голема среќа
овошје: напредок
овца: среќа
око: доаѓаат потешкотии
орел: голема промена
падобран: бегство од неволја
пајак: можности
пакет: изненадување
палма: успех, слава
папагал: скандал на патување
патерици: помош од близок пријател
паун: богатство, наследство
пеперутка: нестабилност
пиштол: опасност или глас
планина: голема амбиција
полицаец: таен непријател
поштенски знак: важни се симболите околу него
прозор: отворен, среќа покрај пријателите, ако е затворен, разочарување покрај пријателите
профил: нов пријатели
прстен: ако е на дното, брак, ако е во средина, предлог за работа
пруга: долго патување
птица: убави вести
пчела: пријателски успех, добри вести
пумпа: дарежливост
рак: непријател
рака: пријателство
ракавица: голем предизвик
рептил: разочарување од пријателите
риба: добра среќа
роза: популарност
санта мраз: опасност
свеќа: помош од другите
светло смеѓа личност: русокоса личност
свиња: паричен успех
секира: неволји за брзо време
сидро: на врвот на шолјата, романса, ако е на дното, патување
скакулец: вести од пријатели од странство
скелет: губење на пари
слон: успех со задоцнување
сонце: среќа, сила
стаорец: голема штета
стап: посетител
столица: неочекуван гостин
столб: напредување, успех
стрела: лоши вести
телескоп: авантура
триаголник: нешто неочекувано, ако врвот е горе – успех, обрано неуспех
чајник: дружење
чанта: заработка
чаша: сигурност
чизма: заштита од болки
чреша: среќа во работата
чудовиште: насилност
шатор: патување
школка: добри вести