Во време обележано со трговски тарифи, вооружени конфликти, геополитички тензии и трансформација на глобалната економска рамнотежа, водечките светски институции – Светската банка, ММФ, Европската комисија и големите инвестициски банки – ги ревидираа своите проекции за економски раст во 2025 година. Причина за тоа е екстремната неизвесност што доминира на глобално ниво.
Иако регионот во кој припаѓа и Македонија не е поштеден од овие влијанија, последните неколку години покажуваат релативна економска отпорност на надворешни шокови. Клучни фактори за тоа се силниот прилив на странски директни инвестиции и континуираниот недостиг од работна сила, кој доведе до раст на реалните плати.
Зголемената куповна моќ резултираше со повисока приватна потрошувачка – фактор кој останува доминантен двигател на растот на бруто-домашниот производ (БДП) во целиот регион.
Сепак, економистите предупредуваат дека контекстот бара внимателна фискална политика и долгорочни реформи, бидејќи отпорноста не значи имунитет од надворешни ризици.
