Дел од накитот од колекцијата на Наполеон беше украден во грабеж во Лувр во недела, објавија француските медиуми.
Француската министерка за култура Рашида Дати ја потврди информацијата дека криминалци украле вреден накит од музејот Лувр во Париз во недела наутро, а потоа избегале, поради што најпосетуваниот музеј во светот ќе остане затворен во текот на целиот ден.
Според првичните податоци од истрагата, грабежот се случил помеѓу 9:30 и 9:40 часот.
Разбојниците, чиј број сè уште не е објавен од властите, наводно се упатиле кон музејот со скутер и користеле товарен лифт за да пристапат до просторијата што имале намера да ја ограбат.
Тие биле опремени со помали моторни пили.
Веднаш по отворањето на Лувр утрово, се случил „грабеж“, претходно објави министерката за култура на X.
„Немаме извештаи за повредени. Јас сум на местото на настанот со вработените во музејот и полицијата, а истрагата е во тек“, напиша Рашида Дати.
Еден или повеќе криминалци успеале да влезат во музејот, изјавија за АФП неговите соработници, без да објават информации за можна кражба на уметнички предмети.
„Музејот ќе остане затворен денес, недела, од исклучителни причини“, соопшти раководството на музејот во соопштение на платформата X, кое беше објавено и на англиски јазик.
Лувр е најпосетуваниот музеј во светот. Во 2024 година, тој примил речиси девет милиони посетители, од кои 80 проценти биле странци.