Голем пожар избувна доцна синоќа во облакодерот на весникот „Вјесник“ во Загреб, кој сè уште не е изгаснат, објавија хрватските медиуми.
Пожарот се проширил на неколку ката, а, според досегашните информации, во моментот на пожарот немало никој во зградата.
Гас и електрична енергија се исклучени низ целата зграда.
93 пожарникари со 30 возила го гаснат пожарот. Причината за пожарот сè уште не е позната.
Речиси 100 пожарникари континуирано го гаснат пожарот повеќе од осум часа, а според проценките, пожарот ќе биде ставен под контрола во текот на денот. Според порталот Индекс, сцените се ужасни, а утрово во зградата на „Вјесник“ дојде и градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ.
„Постојано се распламтува на различни катови. Излегува одвнатре и однадвор. Причината е непозната, постојат некои сомневања, но истрагата ќе го утврди тоа. За жал, штетата е целосна. Мнозински сопственик на зградата е државата, градежните инженери ќе мора да видат дали објектот треба да се сруши или дали ќе треба да се реновира“, рече Томашевиќ.
Засега нема опасност од уривање, додаде тој. „Најважно е што нема жртви и безбедноста на пожарникарите е од најголема важност“, додаде Томашевиќ.
Синиша Џембрих, командант на Јавната противпожарна бригада на градот Загреб, рече дека очекува пожарот да биде ставен под контрола во текот на денот.
„Штетата е голема. Иако поголемиот дел од зградата беше напуштен, собите внатре се полни со опрема и документи. Пријавата ја добивме околу 23 часот. Интересно е што имаше само една пријава од граѓани. Нормално, секогаш добиваме многу пријави за големи пожари“, рече Џембрих, додавајќи дека пожарот стигнал дури и до долните катови и приземјето, што значи дека пожарот се проширил низ вентилацијата.
„Сите пожарникари на градот Загреб беа на овој пожар. Претпоставката е дека ќе го ставиме пожарот под контрола во текот на денот. Но, ќе биде потребно време“, рече Џембрих. Пожарот во небодерот Вјесник на Славонска авенија во Загреб избувна доцна синоќа, а бидејќи се ширеше вертикално, зафати неколку ката и покривот, поради што голем број пожарникари беа вклучени во неговото гаснење. Според досегашните информации, во моментот на пожарот немало никој во зградата.
„Пожарот е сè уште активен, се шири низ конструктивните отвори. Поради зголемената опасност, пожарникарите се повлечени од внатрешната брза акција“, соопшти Јавната противпожарна служба на Загреб. Причината за пожарот сè уште е непозната.