Голем скок на цената на нафтата – прогнозите на експертите најавуваат нови рекордни цени во Македонија

Цените на нафтата скокнаа само вчера за над два отсто бидејќи американските санкции го ограничија иранскиот извоз на оваа суровина, нагризувајќи ја глобалната понуда.

Северноморската нафта „брент“ ја достигна највисоката цена од мај оваа година, од 80,47 долари за барел, што е скок од 1,63 долари или за преку 2,0 проценти, пред незначително да се спушти на околу 80,40 долари на утринското тргување во 7:30 часот по ГМТ. Трендот на рас продолжи и денеска кога цената надмина 81,2 долари за барел што е нов рекорд.

Некои трговци прогнозираат дека цената на „црното злато“ ќе оди дури и до 100 долари за барел.

Ваквите прогнози ни најавуваат дека на врата ни чука нова нафтена криза а 100 долари за барел некако силно потсетуваат на 2008 година.

Во такви услови веројатно литар гориво ќе чини близу 85 денари.

Со последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), малопродажните цени на нафтените деривати согласно Методологијата за формирање на цените, се зголемија во просек за 1,58%

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98, не се промени, односно остана на исто ниво, како што била утврдена со Одлуката од 03.09.2018 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-98 изнесува 74,00 ден/лит.

Малопродажната цена на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се зголеми за 0,50 ден/лит во однос на цената утврдена со Одлуката од 03.09.2018 година и со тоа малопродажната цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 изнесува 72,50 ден/лит.

Малопродажните цени на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се зголемија за 1,50 ден/лит во однос на цените утврдени со Одлуката од 03.09.2018 година и со тоа, малопродажната цена на дизелот ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) изнесува 66,00 ден/лит, додека малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) изнесува 54,50 ден/лит.

Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголеми за 0,347 ден/кг во однос на цената утврдена со Одлуката од 03.09.2018 година и со тоа цената на мазутот М-1 НС изнесува 34,351 ден/кг.

Со оваа Одлука се изврши зголемување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,60%, односно за 1,58% во однос на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати утврдени согласно Одлуката на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија од 03.09.2018 година.