Балкан

Горат фабрики кај Солун и Атина, експлозија и повредени – дронови со термални камери трагаат по подметнувачи

Горат фабрики кај Солун и Атина, експлозија и повредени – дронови со термални камери трагаат по подметнувачи

Голем пожар избувна денеска во дворот на производствен погон во местото Калохори, во непосредна близина на Солун. Огнот започнал на отворен простор, но брзо се проширил и во внатрешноста на објектот, кревајќи ги на нозе грчките противпожарни служби кои се сомневаат дека пожарот е подметнат.

Според информациите на грчкиот весник „Катимерини“, пожарот избил во дворното место на еден погон, на мала оддалеченост од плажата во Калохори. Најпрво се запалиле отпад, сува трева, дрвени палети и пластика, по што пламенот се проширил и на самиот објект.

Во гасењето на стихијата учествуваат:

  • 23 пожарникари со 9 возила, како и специјален хеликоптер за гасење од воздух.
  • Противпожарно возило од општината Делта.
  • Цистерни со вода обезбедени од регионот Централна Македонија.

Поради сомнеж дека огнот не избувнал сам од себе, на терен е испратена Истражна единица за борба против подметнување пожари од Солун, која веднаш започна со утврдување на причините.

Грчките служби започнаа масовно да користат напредна технологија за справување со огнените стихии. Над подрачјето на Солун летаат дронови опремени со оптички и термални камери.

Овие летала во реално време ја следат состојбата на теренот и испраќаат директни податоци до Единствениот координативен центар за операции и управување со кризи (ЕСКЕДИК), што овозможува побрза и поефикасна реакција на пожарникарите.

Речиси истовремено, уште подорамтичен пожар избувна утрово во Аспропиргос, во близина на Атина, во фирма која се занимава со логистика, резервни делови и отпаден метал. Во овој инцидент повредени се 11 лица, од кои тројца потешко, и сите се итно пренесени во болниците во Атика.

Спречена катастрофа: Густиот чад беше видлив дури и од центарот на Атина, а на социјалните мрежи се појавија снимки од силна експлозија во моментот на пожарот. Ситуацијата беше критична бидејќи во рамките на објектот имало камион полн со пропан, но пожарникарите успеале да го локализираат огнот околу 13:30 часот и да спречат поголема трагедија.

Материјалната штета е огромна, а пламенот целосно или делумно уништи четири деловни објекти. Истрагата за овој случај ја води Истражната единица за борба против подметнување пожари на Западна Атика.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни