Ѓорчевски во судница: Сценариото за грабнување на Вања го заклучивме уште во 07:47 часот

Александар Ѓорчевски, обвинет за помагање при грабнување на сопствената ќерка, денеска сведочеше пред судот и речиси целосно го базираше својот исказ на сценариото дека Вања Ѓорчевска била киднапирана, уште од самиот почеток на исчезнувањето.

Тој објасни дека уште во 07:47 часот, заедно со партнерката Зорица, заклучиле дека нејзиното отсуство од рутата кон училиштето, како и исклучувањето на телефонот, укажуваат дека нешто е сериозно и дека не е во прашање самоволно заминување.

„Моментите на нејзиното исклучување на телефон, нагло скршнување од рутата до училиште, наведуваа на тоа дека не е по своја волја отидена во погрешен правец. Тоа со Зорица го констатиравме уште во 07:47 часот сабајлето“, рече Ѓорчевски, додавајќи дека веднаш по тоа биле алармирани пријатели и објави на социјални мрежи.

Клучен е и делот каде тој отворено барал да биде тестиран на детектор на лаги – што, според него, докажува дека немал што да крие.

„Јас уште на првиот исказ побарав полиграф. Ми рековте дека тогаш не е дозволено. Но тој уред децидно ќе покаже дали ја говорам вистината“, рече тој, обраќајќи ѝ се директно на обвинителката.

Ѓорчевски го бранеше и своето однесување на денот на исчезнувањето, објаснувајќи зошто со возилото продолжил кон Блаце, па се вратил, но и инсистираше дека полицијата од првиот момент го третирала како осомничен, наместо да се фокусира на брзо пронаоѓање на ќерка му.

„Тие не испрашуваа колку недвижности имаме, колку возила. Од самиот почеток почувствував дека се сомневаат во мене“, рече обвинетиот татко, критикувајќи го начинот на кој МВР ја водело потрагата.

Во судницата тој детално раскажа и за соработката со Гоце Трајковски – пријател од минатото, со кој се сретнал повторно по 23 години. Тврди дека преку него се обидувал да стигне до информации за Вања, дури и до лица од полицијата и системот „Безбеден град“.

„Во моментот кога се појави Гоце, немав поим за неговите контакти. Но многу брзо почнав да добивам информации, па така заклучив дека има пријатели и во полицијата и во ‘Сејфт Сити’“, рече Ѓорчевски, тврдејќи дека за некои од тие имиња бил замолен да не ги открива.

Иако тој се обидуваше да прикаже рационален одговор на хаосот од денот на исчезнувањето, обвинителката го потсети дека многу од неговите тврдења сега првпат ги изнесува во судница, а не во текот на истрагата.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното