Како претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски во „Ноќно студио“ на 4ТВ посочи дека во минатото иницирал законски измени со кои би се овозможило отповикување на градоначалници.
Според него, потребно е локалните функционери да имаат поголема одговорност пред граѓаните кои ги избрале.
„Поголемата суштина во целиот процес е да не останат локалните функционери единствени заштитени во целиот процес. Само градоначалник денес не можете да отповикате“, рече Ѓорѓиевски за 4ТВ.
Тој смета дека механизмот за отповикување би ги натерал градоначалниците посовесно да ја извршуваат функцијата.
„Кога човек ќе влезе во својата канцеларија, треба да знае дека ако не покаже резултати, може да биде тргнат од столчето кое што го добил од граѓаните“, рече тој.
Ѓорѓиевски додаде дека одговорноста треба да има две димензии – правна одговорност и одговорност пред граѓаните.
„Единствениот суверен е народот“, нагласи градоначалникот.