Ѓорѓиевски ќе ги наградува најубаво украсените домови во Скопје, еве како да се пријавите!

Градот Скопје, по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ја организира манифестацијата „УКРАСУВАМЕ ПО СКОПСКИ“, со која жителите на главниот град се мотивираат и стимулираат да ги украсуваат своите домови придонесувајќи во разубавувањето на празничниот амбиент на градот за време на Новогодишните и Божиќните празници.

Заинтересираните граѓани кои сакаат да учествуваат во манифестацијата, односно да се натпреваруваат за најинтересно и најкреативно новогодишно украсување, можат да се пријават на телефонскиот број 3297 265, од 9 до 16 часот, во периодот од 11 до 23 декември 2025 година.

Фотографиите од украсените објекти, заедно со податоците за сопствениците, телефонскиот број и адресата, учесниците можат да ги испраќаат на интернет-адресата kabinet.nastani@skopje.gov.mk, или на адреса: булевар Илинден бр. 82, со назнака за манифестацијата „УКРАСУВАМЕ ПО СКОПСКИ“.

Град Скопје годинава ќе избере:
•    Најубаво новогодишно украсен двор од индивидуална станбена куќа;
•    Најубаво новогодишно украсена тераса од стан;
•    Најубави раскази напишани од средношколците на тема новогодишни желби и празнувања.

Пријавените објекти ќе ги посети жири-комисија, која ќе биде составена од претставници на медиумите, коишто исто така ќе ги оценуваат и составите на средношколците.

Сите заинтересирани медиуми може да пријават свои претставници за членови во жири-комисиите на  следнава интернет-адреса kabinet.nastani@skopje.gov.mk.
Градот Скопје за најдобрите во сите категории ќе обезбеди соодветни награди.
Наградите на најуспешните ќе им ги додели градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.