Ѓорѓиевски: Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ ќе биде ставен во функција по години застој

Градоначалникот на Град СКопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека мостот Генерал Михајло Апостолски мост, кој ги поврзува општините Аеродром и Гази Баба, наскоро ќе биде ставен во функција.

Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски посочи дека станува збор за проект кој со години бил симбол на застој и нерешени административни проблеми, но дека сега се создадени услови за негово конечно завршување.

Се вчитува...

Според него, завршени се процесите на експропријација, кои претставувале главна пречка за пуштање на мостот во употреба.

„По завршувањето на подготвителните активности, средувањето на документацијата и преселувањето на жителите од објектите на трасата, се очекува во рок од 60 дена да се воспостави целосен сообраќаен проток“, информираше Ѓорѓиевски.

Тој се заблагодари на граѓаните кои, како што наведе, покажале разбирање во процесот на решавање на проблемот, како и на колегите од локалната самоуправа за поддршката.

Во објавата, градоначалникот нагласи дека решавањето на овој инфраструктурен проект е дел од поширок пакет активности за деблокирање на капитални проекти во Скопје, меѓу кои ги наведе и „Момин Поток“, булеварите „Борис Трајковски“ и „Македонија“, како и мостот на „Љубљанска“.

Ѓорѓиевски оцени дека напредокот е резултат на, како што вели, засилена динамика на работа и политичка волја за реализација на долгогодишни проекти.