Ѓорѓиевски обвини за долг од 300 милиони евра, Арсовска му врати: „Лажеш!“ Обвинителството го повика градоначалникот да пријави докази

Транзицијата на власта во Град Скопје е проследена со тешки меѓусебни обвинувања, откако новиот и поранешниот градоначалник се судрија околу финансиската состојба и долговите на градот. Новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски тврди дека затекнал долг од над 300 милиони евра, додека неговата претходничка Данела Арсовска го обвинува за лажење и политички реваншизам.

Во јавната пресметка се вклучи и Јавното обвинителство, кое го повика Ѓорѓиевски да достави докази доколку се сомнева на злоупотреби.

Ѓорѓиевски: Долгот е поголем од очекуваното, 500 луѓе не оделе на работа

Новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека е соочен со поголем предизвик од очекуваното, посочувајќи дека реалниот долг на градот и јавните претпријатија драстично ги надминува неговите првични проценки.

„Можеби предизвикот ми е поголем од тоа што мислев пред изборите поврзан со долгот, јас очекував долгот на Градот да биде околу 200 милиони евра, но со јавните претпријатија по нашите пресметки излегоа дека над 300 милиони евра ќе биде вкупниот долг, вака ќе треба посериозен ангажман, но тоа е дополнителен предизвик како што споменав“, изјави Ѓорѓиевски.

Во телевизиско гостување за Сител синоќа, Ѓорѓиевски рече и дека отпуштил 500 вработени од јавните претпријатија затоа што со месеци, дури и години, не оделе на работа, а земале плата.

Арсовска: „Да се види дека лажеш“

Реагираше поранешната градоначалничка Данела Арсовска. Таа преку објава на Фејсбук го повика Ѓорѓиевски јавно да ги објави сите податоци со кои располага, обвинувајќи го за изнесување лаги и спроведување партиски вработувања.

„Ајде градоначалник да ги објавиш сите фирми со долг по институција, со фактури и датуми од кога им се должи за да знае народ дека лажеш. Исто и со име и презиме да ги објавиш сите 500 вработени и кој од кога не одел на работа, и таму да се види дека лажеш. 3 години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка да направиш место за своите партиски војници.“

Обвинителството: Градоначалникот има обврска да пријави

По јавните прозивки на градоначалникот Ѓорѓиевски дека Јавното обвинителство треба да постапува „по допрен глас“ за состојбите во градот, се огласи и Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

Тој го потсети градоначалникот дека доколку поседува докази за криминал, негова обврска е да ги пријави во надлежните институции, а не само да зборува во јавноста.

„Во однос на изјавите на градоначалникот дека ЈО треба по допрен глас, само ќе кажам дека тој како градоначалник доколку има докази е надлежен тоа може да го пријави на надлежните органи, а тоа е МВР и да ги донесе тие документи евентуално во ЈО. Досега ЈО така постапувало што значи дека ќе постапува и понатаму и доколку навистина има злоупотреби ние нема проблем, стоиме на располагање“, изјави Коцевски.