Македонија

Ѓорѓиевски се извини што блокирал сограѓанка на Фејсбук: Грешка на тимот, за мене критиката е пенал!

Ѓорѓиевски се извини што блокирал сограѓанка на Фејсбук: Грешка на тимот, за мене критиката е пенал!

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ отворено говореше за одлуката на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која утврдила дека граѓанка била блокирана на неговиот официјален профил на Фејсбук.

Ѓорѓиевски упати јавно извинување до сограѓанката, појаснувајќи дека се работи за ненамерен пропуст на членовите од неговиот тим кои управуваат со социјалните мрежи.

Градоначалникот нагласи дека лично настојува да одговара на пораките и коментарите на граѓаните во доцните вечерни часови, но поради бројните обврски, дел од профилот го менаџираат неговите соработници.

„Се извинувам на мојата сограѓанка за лошото постапување од страна на мојот тим. Грешки се случуваат, живи луѓе сме. Немало лоша намера, но соработникот кој го направил пропустот веднаш доби насока личноста да биде одблокирана. Верувам дека во иднина нема да имаме вакви случаи“, рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски истакна дека добронамерните и издржани критики ги доживува позитивно и ги користи како поттик за подобрување на состојбите на терен.

Градоначалникот спореди дека секоја конструктивна забелешка од граѓаните ја гледа како „спортски пенал“ — можност за брза реакција и коригирање на проблемите во град со 800.000 жители.

Тој ги охрабри граѓаните постојано да посочуваат недостатоци и да даваат предлози за Скопје да стане подобро место за живеење.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни