Македонија

Ѓорѓиевски: Се работи на поставување на полначи за новите автобуси, во Ѓорче Петров и Автокоманда треба да бидат поставени по десет

Ѓорѓиевски: Се работи на поставување на полначи за новите автобуси, во Ѓорче Петров и Автокоманда треба да бидат поставени по десет

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски во интервју за 4ТВ истакна дека во тек се подготовките за поставување на инфраструктурата потребна за полнење на новите автобуси што треба да пристигнат во Скопје.

Тој посочи дека во процесот се вклучени Градот Скопје, Министерството за транспорт и врски, ЈСП „Скопје“, операторот избран на јавната набавка, како и ЕВН Македонија.

„Работиме со еден покомплексен тим, составен од лица од Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје, ЈСП Скопје и операторот кој ги доставува автобусите, на овозможување простор за полначи за автобусите“, рече Ѓорѓиевски.

Според него, предизвик претставува електроенергетската инфраструктура, особено имајќи предвид дека на пунктовите во Ѓорче Петров и Автокоманда треба да бидат поставени по десет полначи.

Ѓорѓиевски објасни дека полначите се дел од пакетот со автобусите, но Градот мора да обезбеди подготвен терен и соодветна инфраструктура.

„Веќе имаме мапирано позиции. Денес имавме и оперативен состанок со претставници на ЕВН Македонија за трасите каде што ќе треба да се обнови инфраструктурата подземно“, рече градоначалникот.

Тој додаде дека на одредени локации ќе биде потребна дополнителна интервенција за да се обезбеди соодветна електрична конекција.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни