Градоначалникот на Град Скопје денеска објави дека остварил конструктивна средба со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски. На состанокот, одржан во просториите на Град Скопје, се разговарало за заеднички проекти кои, како што се наведува, „ќе донесат вистински бенефит за сите жители на нашиот град“.
Главни теми на состанокот биле подобрувањето на транспортниот систем преку реализација на проектот Градски воз, набавката на нови, еколошки автобуси за градскиот превоз, како и модернизацијата на инфраструктурата во Скопје.
Министерот Николоски ја потенцирал силната заложба на Владата за реализација на капитални инвестиции во главниот град, кои ги гледа како темел на неговиот иден развој.
„Заеднички заклучивме дека Скопје има потреба од нов план за трансформација на градскиот сообраќаен систем, кој ќе донесе поголема ефикасност, економичност и подобар квалитет на живот за граѓаните“, се вели во објавата.
Беше најавено дека по започнувањето на изградбата на првата од трите линии на Градскиот воз, следен приоритет ќе биде подготовката на другите две линии – кон Ѓорче Петров и кон Миладиновци.
Во однос на јавниот превоз, Градот Скопје е веќе во комуникација со Владата за набавка на нови еколошки автобуси кои, како што се наведува, „значително ќе го подигнат јавниот превоз на едно високо ниво“.
Градоначалникот во објавата изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски, министерот Александар Николоски и целата Влада за нивната поддршка и визија.
„Скопје ќе го развиваме заедно, со работа, со посветеност и со јасна цел – да изградиме модерен и функционален град во кој сите ќе живееме подобро“, стои во објавата.