Прашањето за хигиената во Скопје доминираше и на вечерашната дебата меѓу кандидатите за градоначалник.
Орце Ѓорѓиевски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, повторно застана зад своето ветување дека градот може да биде целосно исчистен во рок од 72 часа доколку тој биде избран.
„Јас стојам зад тоа што сум го ветил, дека градот може за 72 часа да биде чист“, рече Ѓорѓиевски, изнесувајќи загрижувачки податоци за состојбата со возниот парк на јавните претпријатија.
„Убеден сум дека 117 камиони има, а само 17 се исправни. 46 има метлачки и камиони за перење на улици, а само 6 се исправни“, посочи тој, додавајќи дека има „добар план и визија“ како да ја промени оваа состојба.
Ѓорѓиевски најави вклучување на сите ресурси, не само на градските и општинските власти.
„Одговорно тврдам со општествено одговорни компании, со помош на нашите колеги не само во Скопје, туку и надвор од Скопје, добро ќе биде исчистен градот не само на микролокациите туку секаде, и конечно исто така после долги години за првпат ќе ги испереме улиците“, вети тој.
Тој ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање во недела, порачувајќи дека „на Скопје веќе не му се потребни експерименти, туку работа“.
Од друга страна, кандидатот на Левица, Амар Мециновиќ, смета дека клучнот проблем е недостатокот на политичка волја, а не однесувањето на граѓаните.
„Загадувања, муабети, домаќинства – доста е. Треба да се прекине да се посочува прстот кон домаќинствата, кон сиромашните“, рече Мециновиќ.
Тој упати остри критики за досегашното управување со градот и го осуди она што го нарече „кампањско чистење“ на Скопје, барајќи системски и трајни решенија наместо ад-хок акции пред избори.