Иако е викенд, вратите на Град Скопје денеска се отворени за граѓаните. Првиот човек на градот, Орце Ѓорѓиевски, започна серија на средби „очи во очи“ со скопјани, со цел директно сослушување на нивните проблеми, идеи и предлози.
Град без бариери и затворени канцеларии
Ѓорѓиевски истакна дека неговата мотивација доаѓа токму од директниот контакт со народот. Покрај личните средби во кабинетот, градоначалникот остварува и телефонски разговори со оние кои не биле во можност физички да присуствуваат, нагласувајќи дека секоја порака заслужува внимание.
„Она што ме мотивира најмногу е поддршката од граѓаните кои искрено ми кажаа дека ретко кој градоначалник во минатото лично ги побарал и сослушал. Тоа е огромна чест, но и моја обврска. Градот е отворен за сите – без бариери и без игнорирање,“ порача Ѓорѓиевски.
Решенија преку заеднички дијалог
Од Град Скопје информираат дека секој пријавен проблем е веќе евидентиран и дека ќе се пристапи кон нивно системско решавање „чекор по чекор“. Намерата на оваа иницијатива е да се врати довербата на граѓаните во институцијата и да се покаже дека обврската кон луѓето не завршува со истекот на официјалното работно време.
Средбите со граѓаните се предвидени да траат во текот на целиот ден, а Ѓорѓиевски најави дека доколку има голем интерес, кабинетот ќе биде отворен и во недела.
Информација за граѓаните: Сите заинтересирани скопјани кои сакаат да остварат средба или да пријават проблем, можат да го сторат тоа на телефонскиот број за закажување: 02 3297 204.

