Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, оствари убедлива предност во првиот круг од изборите за градоначалник на Скопје со освоени 41,24% од гласовите, но за конечна победа ќе се бори во вториот круг против Башким Бакиу од коалицијата ВРЕДИ, кој освои 13,12%. Истовремено, ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа уште во првиот круг во најмалку четири скопски општини, додека СДСМ доживеа тежок пораз, со кандидатката Каја Шукова која заврши на петтото место во главниот град.
Според првичните резултати, ВМРО-ДПМНЕ обезбеди градоначалнички места уште во првиот круг во:
- Аеродром, каде Дејан Митевски освои 55,77%.
- Гази Баба, каде Бобан Стефковски освои 55,62%.
- Ѓорче Петров, каде Александар Стојковски освои 59,90%.
- Кисела Вода, каде Бети Стаменковска Трајковска освои 58,99%.
Во вториот круг, освен за Град Скопје, ќе се гласа и во неколку клучни скопски општини:
- Во Карпош ќе се соочат Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ (35,29%) и актуелниот градоначалник Стевчо Јакимовски од ГРОМ (29,41%).
- Во Центар, кандидатот на СДСМ, Горан Герасимовски, води со 41,74%, а во втор круг оди со Мирослав Лабудовиќ од ЗНАМ, кој има 28,50%.
- Во Бутел ќе се натпреваруваат Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ (43,24%) и Исамедин Азизи од НАИ (35,60%).
Во албанскиот политички блок, кандидатот на ВРЕДИ, Изет Меџити, победи уште во прв круг во Чаир со освоени 51,55% од гласовите. Неизвесна битка во вториот круг се очекува во Сарај, каде што кандидатот на НАИ, Блерант Рамадани, има тесно водство со 50,17% пред Мухамет Елмази од ВРЕДИ со 48,12%. Во Шуто Оризари, во втор круг одат Курто Дудуш од Унија на Роми и Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.