Ѓорѓиевски за вчерашната акција: Не е маркетинг, нема да биде само тридневна акција!

На денешната конститутивна седница на Советот на Град Скопје, новоизбраниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски упати порака за обединување и решителна работа во интерес на сите скопјани.

„Денес стоиме пред почетокот на едно ново, убаво поглавје за нашиот град. Оваа седница е симбол дека демократијата живее преку одговорност, соработка и визија за подобро Скопје,“ изјави Ѓорѓиевски во своето обраќање пред советниците, медиумите и граѓаните.

Градоначалникот истакна дека овој Совет има историска задача да го насочи Скопје кон стабилен и одржлив развој, повикувајќи на надминување на партиските разлики:
„Без разлика на политичката припадност, сите сме тука за една заедничка цел – да го направиме Скопје подобро место за живеење.“

Ѓорѓиевски порача дека нема време за чекање:
„Нема време за експериментирање, туку за работа. Работа веднаш!“

Меѓу приоритетите на новата градска администрација тој ги издвои модернизацијата на јавниот превоз, подобрувањето на сообраќајната безбедност и чистењето на градот.

„Завршува времето кога Скопје беше град на депонијата. Веќе вчера почнавме со генералка за чистење и тоа нема да биде само тридневна акција, туку секојдневна обврска. Ова не е маркетинг, туку наша должност – за тоа граѓаните нè плаќаат,“ нагласи тој.

Градоначалникот најави и засилени еколошки политики, повеќе зелени површини и планска урбанизација. „Ќе се залагаме за рамнотежа меѓу развојот и заштитата на јавниот простор. Тоа го покажав во Кисела Вода, а така ќе биде и во целиот град,“ додаде Ѓорѓиевски.

Посебен акцент стави на младите, културата и транспарентноста:
„Младите се двигател на секоја заедница. Ќе поддржиме иновации, културни и спортски проекти. Градот ќе биде партнер, а не пречка. Скопје ќе биде отворен град – граѓаните ќе знаат каде оди секој денар од буџетот.“

Во завршницата од своето обраќање, Ѓорѓиевски упати благодарност до скопјани за довербата и до новоизбраниот претседател на Советот, Даме Димитровски, за кого рече дека е „визионер и експерт кој ќе придонесе Советот да работи во интерес на граѓаните“.

„Верувам дека со визија, труд и одговорност ќе изградиме модерен, чист и достоинствен град – Скопје какво што заслужуваме сите,“ порача градоначалникот Ѓорѓиевски.