Пожар избувна денеска во Визбегово, во близина на обиколницата на Скопје, на приватен имот каде што, според информациите, биле складирани стари автомобили. Од Град Скопје информираат дека интервенцијата за негово гаснење е во тек.
Скопската противпожарна бригада веднаш излегла на терен и, како што соопштија од Градот, со сите расположливи возила, опрема и човечки ресурси активно работи на справување со огнената стихија.
Покрај пожарникарите, на локацијата се присутни и инспектори од Град Скопје, а за случајот се известени Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за животна средина и Јавното обвинителство.
Од Град Скопје апелираат до граѓаните за смиреност, внимателност и почитување на насоките од надлежните служби додека трае интервенцијата.
Во соопштението се наведува дека состојбата се следи континуирано и дека институциите постапуваат координирано со цел пожарот да биде ставен под контрола, да се заштити населението и да се утврдат причините и евентуалната одговорност за настанатиот инцидент.
Од Градот Скопје потенцираат дека нема да се толерира неодговорно однесување и создавање диви депонии кои, како што велат, претставуваат ризик за здравјето на граѓаните и животната средина.
„Секој што го загрозува јавниот интерес мора да сноси одговорност“, стои во соопштението.
