„Градежната инспекција затвора градилишта, а не дискотеки“, рече обвинетиот Георгиев и побара обвинителот да го повлече обвинението

„Градежната инспекција може да затвори градилиште, но не и стопански објект. Не можеме да забраниме стопанска дејност.“

Ова го изјави седмообвинетиот Огњан Георгиев, поранешен градежен инспектор, кој побара дополнително да се обрати пред судот бидејќи претходно не разбрал дека има право да зборува по неговиот адвокат.

„Нема пренамена, има промена на дејност“ Георгиев жестоко се спротивстави на тезата на Обвинителството дека во „Пулс“ имало незаконска градба/пренамена. „Повеќе во иднина не сакам да се става зборот ’пренамена‘ во контекст на овој објект. Тука пренамена не постои, туку има промена на дејноста, за која градежната инспекција нема никакви ингеренции,“ истакна тој.

Тој тврди дека за 12 години работа никогаш немал наредба за контрола на таков објект и дека никогаш не влегол во „Пулс“. „Барам од обвинителството да го преиспита обвинението и јас и моите колеги да бидеме ослободени. И јас барам правда, исто како и сите други,“ заклучи Георгиев, нарекувајќи ги обвинувањата за умисла и соизвршителство „празни изрази“

ЗА ШТО СЕ ТОВАРИ ОГЊАН ГЕОРГИЕВ?

(Според Обвинителниот акт КО бр. 180/2025)

Огњан Георгиев (68) беше градежен инспектор во Општина Кочани во периодот од 2005 до 2021 година.

Обвинителството го товари за „Тешки дела против општата сигурност“ со следниве аргументи кои Георгиев ги негира:

  • Дека знаел оти во објект со намена за „лесна индустрија“ се врши угостителска дејност, спротивно на Деталниот урбанистички план .
  • Дека во објектот се вршела „реконструкција со пренамена“ (градежни зафати за промена на конструктивни елементи) без одобрение, што било во негова надлежност да го контролира.
  • Дека не повел постапка по службена должност за да нареди враќање на објектот во првобитна состојба или затворање.