Македонија

Градоначалникот на Битола седна во инвалидска количка со порака за инклузивност

Градоначалникот на Битола седна во инвалидска количка со порака за инклузивност

Овогодинешното издание на манифестацијата „CAR SHOW BITOLA“ помина во знакот на солидарноста, инклузивноста и подигањето на свеста за предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост. Настанот доби силен институционален и емотивен ектек откако градоначалникот на Општина Битола активно се вклучи во активностите, седнувајќи во инвалидска количка за лично да ги почувствува секојдневните бариери на сограѓаните со физичка попреченост.

Под мотото „Заедно за нашите деца!“, здружението „НЕВРОРАЗЛИЧНИ Битола“, заедно со уште три други локални здруженија на лица со посебни потреби, беа почесни учесници на овој голем настан.

Централниот акцент на социјалниот дел од настанот беше ставен на пристапноста и на тоа како лицата со физичка попреченост секојдневно се снаоѓаат низ битолските улици. Здруженијата ја организираа интерактивната активност со наслов „ИСКУСИ ПОВЕЌЕ. РАЗБЕРИ ПОВЕЌЕ.“, каде што беше поставена специјална „Патека во количка“.

Покрај бројните посетители, највпечатлив момент беше одлуката на првиот човек на градот да ја помине оваа патека. Со тоа што седна во инвалидска количка, градоначалникот упати директна порака за важноста на создавањето пристапна и поинклузивна заедница, соочувајќи се од прво лице со пречките со кои се соочуваат овие лица.

„Среќни сме што бевме дел од оваа иницијатива, покажувајќи дека секое мало внимание создава голема промена и нѐ води кон поинклузивна заедница за сите“, истакнуваат од здружението „НЕВРОРАЗЛИЧНИ Битола“.

Од здружението упатија јавна благодарност до организаторите „Car Club Bitola“, како и до сите граѓани и институции кои дадоа безрезервна поддршка. Настанот покажа дека автомобилизмот и хуманоста можат да се спојат во заедничка мисија – подобра иднина за сите деца и лица со невроразличност и физичка попреченост во Битола.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни