Охридски пливачки маратон заврши, а ќе остане запишано како едно од најиеизвесните изданија. Прво претседателот на државата кој е покровител информираше дека поради блокирана сметка на пливачката федерација, оваа година маратонот нема да се одржи. Но, за изненадување на многумина тој денеска се појави во Охрид. Изненаден е и градоначалникот Кирил Пецаков.
„Од тоа што имав прилика кратко да разговарам со него, а и денеска тоа што го имаше објавено дека бил покровител не можам да разберам како пред четири недели напиша дека нема да се одржи маратонот, а сега бил покровител. Веројатно тоа е дел од неговиот пи-ар, а реалноста е сосема друга. Ова денес што се случува е заслуга на Општината, Агенцијата за млади и спорт и спонзори кои го сакаат градот“, изјави Пецаков за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Аргентинскиот пливач Матијас Дијас Хернандес е победник на 35. Охридски маратон.
Хернандес патеката „“Климе Савин“ чиј старт беше на Свети Наум, а целта во Охрид, во должина од 25 километри ја исплива за 5:50.30 часа.
Хернандес го презеде водството на трката кај Трпејца од Италијанецот Гетини и првото место не го пропушти до самиот крај и сосема заслужено триумфира.
Второто место му припадна на Италијанецот Франческо Гетини кој беше победник на 32. издание на Охридскиот маратон во 2018-та година, а македонските претставници ги освоија третото и четвртото место.
Евгениј Поп Ацев заврши на третото место, а Александар Илиевски беше четврти. Покрај нив, на маратонската трка учествуваа уште Сидрит Деску и Арион Будима од Косово, Арне Штулар од Словенија како и единствената пливачка, Аргентинката Ванеса Гарсија.
Градоначалникот на Охрид Пецаков најави преземање на манифестацијата од Пливачката федерација.
„Презадоволен сум од тоа што и воопшто успеавме да го организираме маратонот. Наша цел како локална самоуправа е со преземањето на организацијата да направиме секоја следна година да имаме подобро издание и да биде манифестација со која цела држава ќе се гордее“, кажа градоначалникот Пецаков.