Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека Советот на Град Скопје на денешната седница донел одлука со која се намалуваат надоместоците за членовите на управните и надзорните одбори, како и нивниот број.
Како што посочи Ѓорѓиевски, оваа мерка има за цел да воспостави поодговорно и рационално јавно управување, насочено кон интересите на граѓаните.
Според одлуката, надоместоци ќе се исплаќаат само за одржани седници, што претставува прекин на досегашната практика месечни исплати да се прават и без одржани состаноци. Новите износи се намалени – наместо 12.000 денари за претседател и 10.000 денари за член, во иднина лимитите ќе изнесуваат 10.000 односно 8.000 денари.
Покрај тоа, се редуцира и бројот на членови во управните одбори. Наместо досегашните случаи каде одборите броеле и до 14 членови, новото ограничување изнесува максимум седум.
Градоначалникот нагласи дека овие чекори претставуваат дел од напорите за намалување на непродуктивните трошоци и воведување ред во функционирањето на Град Скопје.
„Времето на ‘како досега’ завршува. Почнуваме нова практика – транспарентно, ефикасно и домаќинско управување, какво што скопјани одамна заслужуваат“, порача Ѓорѓиевски.