Со палење свеќи и положување цвеќе, граѓаните и денеска ѝ оддадоа почит на Фросина Кулакова од Неготино, која трагично го загуби животот откако беше прегазена на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“, во близина на Универзалната сала во Скопје.
Дваесет и двегодишната девојка беше прегазена пред три дена од дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој управувал возило под дејство на алкохол, без возачка дозвола и поминал на црвено светло, додека таа законски минувала на пешачкиот премин.
На осомничениот му беше изречена мерка притвор од 30 дена, а веќе имал кривични пријави за сообраќајна незгода и недозволена употреба на дрога.
Барање правда и одговорност
Граѓаните и вчера се собраа на мирен собир, палејќи свеќи и оставајќи цвеќе пред фотографијата на Фросина. Со пораки како „Врските не враќаат човечки живот“ и „Не е несреќа, туку убиство“, тие побараа одговорност од институциите и правда за сите жртви во сообраќајни незгоди.
Мирен собир вчера се одржа и во Неготино, родниот град на Фросина, а протест е најавен и за утре во Кавадарци.
Црна статистика
Фросина е само една од жртвите на несовесното возење на улиците во Скопје. На 20 јануари 2022 година, студентката Викторија Николова беше прегазена на пешачки премин кај „Скопје Сити Мол“, а на 3 април 2015 година, студентката Фросина Цековска го загуби животот на пешачки премин во близина на Универзалната сала.
Граѓаните повикуваат на итни мерки за зголемување на безбедноста на пешаците и построги казни за несовесните возачи, за ваквите трагедии никогаш повеќе да не се повторат.