Група граѓани, за кои граѓаните велат дека се припадници на екстремистичкиот култ Лев Таор, деновиве престојуваат во Куманово каде предизвикале вознемирување кај жителите на градот.
Според граѓаните, станува збор за радикална фундаменталистичка еврејска секта, наречена Лев Тахор, која постојано ја следат контроверзии за низа киднапирања на деца, особено женски и нивно присилно мажење за постари следбеници на сектата.
Оваа група е постојано во движење бидејќи досега била приморана да напушти повеќе земји, како Израел, САД, Канада и Мексико.
Сепак, од СВР Куманово велат дека групата странци се припадници на Еврејска верска заедница, и имаат легален престој, како и дека привремено престојуваат во државата.
„Секторот за внатрешни работи Куманово ја информира јавноста дека групата лица забележана во Куманово претставува група припадници на Еврејската верска заедница. Овие лица ги почитуваат законите на Република Северна Македонија се целосно со легален престој тука, и привремено престојуваат во нашата држава“, велат од СВР Куманово.
Од полицијата велат дека во групата има Американски, Канадски, Белгиски и граѓани од Јужна Америка.
„Според информациите со кои располага МВР, групата е во постојано движење и во наредните денови се очекува да ја напуштат нашата држава. СВР Куманово ги информира граѓаните на Куманово дека наведената група не претставува никаква опасност и апелира на толеранција и солидарност кон истите“, велат од полиција.
Претходно денеска и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски рече дека кумановци се гостопримливи за сите добронамерници и дека официјалните институции ќе дадат официјално известување за групата граѓани странци кои престојуваат во Куманово.